Пишува Александра Ристески

Дел 3


И, ааааах, ерата на супермоделите (1980-ти – 1990-ти)

Вистинската женска убавина доаѓа во нејзиниот полн сјај. Атлетски, пантер тела со идеални пропорции, каде секое ковче и мускулно влакно се извајани до совршенство. Лица, кои кога ќе ги видиш еднаш, не можеш да ги заборавиш никогаш повеќе.

Самоуверениот catwalk и оној фактор Х, популарно наречен персоналити, ги издигна супермоделите на ниво на рок или холивудски ѕвезди; и многу повеќе – сите до една станаа бренд сам за себе.

Хероините на оваа деценија: Наоми Кемпбел, Синди Крафорд, Ева Херцигова, Клаудија Шифер, Иман, Тајра Бенкс, Кристи Тарлингтон, Кејт Мос, Ел Мекферсон, Стефани Сејмур, Надиа Ауерман, Карла Бруни, Хелена Христенсен, Карен Мулдер (подоцна наследени од Жизел Бундхен, Наталија Водјанова, Ирина Шајк,Стела Максвел); заедно со волшепството доловено од острото око на славните фотографи: Питер Линдберг, Патрик Дермашелие, Артур Елгорт, Елен фон Унверт, Јурген Телер … ; совршените, излезени од некој сон, високо креативни и заслепувачки убави креации на неповторливите Версаче, Вaлeнтино, Лагерфилд, Диор, Вивиен Вествуд, Гучи, Галијано, Готје, Прада, Мисони … ; не занемерувајќи ги и сите останати вклучени во процесот на високата мода, создадоа свет на неповторлива магија; свет во кој Убавината самоуверено владееше, не оставајќи никого рамнодушен, ниту оставаше простор некој да се посомнева дека токму таа, Убавината, е тука за да го спаси светот …

Но, како што и бива секогаш, на еден тренд се надоврзува друг, обично речиси сосема спротивен на претходниот.

Луѓето како да се уморија од совршенството, секојдневното вежбање, здравата исхрана, фенираните коси … и го донесоа …


Хероин шикот (околу и по 1990-тите)

Во тој период често ја посетував помодната Будимпешта и улиците беа преплавени со високи, екстремно слаби девојки, со црни кругови под очите, блед тен, разбушавена коса, кои изгледаа изнемоштено и запоставено, со задолжителната цигара во раце. Изглед на шик бездомник, зарем не?

Трендот го постави американскиот супермодел Џиа, а нејзина достојна наследничка беше Кејт Мос.


„Постмодерна“ „убавина“, ако може така да се нарече; или тука повеќе ќе одговара насловот: Умешноста на пластичниот хирург (околу 2000-тите – денес)

Жени со рамен стомак, неприродно големи, силиконски гради и задник, неприродно мал нос, испакнати јаболчници (како да се каснати од оса), тетовирани веѓи, вештачки нокти (во разни бои, па и со циркончиња), уметоци за коса, леќи во боја (па и мачкасти зеници), сите слични една на друга, како излезени од ист калап (од под ист нож); односно настапи ерата на ‘Кардашијанките’.

(Веројатно) Истaта е проследена со криза на културата на сите полиња и девалвација на критериумите и на општоприфатениот вкус односно невкус.


Искра надеж … (денес и блиска иднина)

И … луѓето почнаа повторно да се уморуваат. Но, овој пат од површноста, шундот, лажната популарност броена во лајкови, расфрлените, разголени делови од тела на сите страни, и како да почнаа да гребат за да се дофатат за нешто, што во најмала рака има повеќе смисла или барем малку има, ако не подлабока, тогаш барем поголема вредност.

Па така и трендот на убавината почна да се враќа кон … вистински убавото… кон природното. Најсветол пример за истото е младата Зендаја, која нѐ воодушевува секогаш кога ќе се појави на големото платно или на црвениот тепих, со севкупната своја појавност, независно дали е облечена во фармерки и обична маичка или носи некоја од феноменалните креации. Уживајте во галеријата што следи:

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here