Уште не сме стигнале да се довоодушевиме на неговиот мозаик со кој победи на конкурсот на тема Дантеевиот „Пекол“, а Мишо Стојановски освои нова награда.

На 19-тото издание на Саемот за уметност што се одржува во Форли, Италија (Vernice Art Fair), кое заврши вчера, Стојановски со мозаикот „Conflictus“ доби награда за уметничко дело со најдобар современ истражувачки пристап.

Наградата му обезбедува посебен штанд на следното издание (2023-та) на саемот во Форли, резервиран за негови дела.

„Conflictus“
„Conflictus“ (детал)
„Conflictus“ (детал 2)

Годинава организаторите на одлично посетениот Vernice Art Fair се погрижиле со својата програма да го промовираат и високото уметничко образование преку три важни италијански академии: оние од Болоња, Верона и Равена.

Кустос на изложбата на Равенската академија (Accademia di Belle Arti di Ravenna) (каде што Стојановски е на завршната година од студиите) на саемот, Алесандра Орефиче (Alessandra Orefice), одбрала дела од 12 студенти; чии простори на истражување најперспективно се отвораат како современ пат на мозаикот – ја реинтерпретираат оваа уметност со древна историја, поврзувајќи ја со сликарството и скулптурата, давајќи ѝ нови, современи видувања.

Академијата од Равена е единствена во Италија која образува специјалисти за мозаик – градот е прочуен по извонредно сочуваната римско/византиска архитектура (украсена со некои од најдобрите мозаици во историјата), така што има осум градби со статус светско културно наследство на УНЕСКО.

Со директорката на Равенската академија, Паола Бабини

Мишо Стојановски вели дека неговото наградено дело (Conflictus) многумина потсетило на Пикасовата „Герника“; и оти во контекстот наоѓа паралела меѓу искуството на генијалниот шпански уметник и своето.

Имено, кога во окупираниот Париз офицер на Гестапо упаднал кај Пикасо и покажувајќи на фотографија од муралот „Герника“ го прашал: „Ти ли го направи ова?“, уметникот одговорил: „Не, вие!“.

Слично, Мишо Стојановски на прашањето: „Ти ли го направи ова? (мозаикот „Conflictus“), одговара со: „Не, сите ние“.

По затворањето на саемот

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here