Додека Тејт (мрежата од четири врвни галерии во Обединетото Кралство) ги прекинува односите со руските олигарси Витор Векселберг и Петр Авен кои претходно го помагаа обезбедувањето средства за институцијата; Њујорк Пост се обидува истиот ефект да го предизвика и во САД.

Украинските уметници и останати културни работници бараат посилни санкции во културниот сектор, за и од таа страна – битна за луксузот на олигарсите, да се притисне Путин; односно да се запре лудилото со инвазијата на Украина.

Њујорк Пост конкретно се занимава со неприкосновениот њујоршки трговец со уметност, Лери Гагосјан, кој поседува мрежа галерии низ светот, тврдејќи дека односниот многу од своите стотици милиони долари ги направил како омилен дилер на уметност на најголемите руски олигарси.

Анонимен упатен извор на Њујорк Пост го нарекува Гагосјан „официјален дилер на уметност на руската олигархија“, додавајќи дека „негативците како од Бонд филмовите со кои тој се дружи се опасни, одвратни и ја обезвреднуваат уметноста со самото свое присуство“.

Во текстот како редовни купувачи на Лери Гагосјан се споменати Роман Абрамович, чиј имот го замрзна Владата на Велика Британија (му го замрзнуваат и на ниво на ЕУ), и Михаил Фридман, исто така санкционираниот основач на најголемата приватна руска банка, Алфа; а забележана е и блискоста на Лери со соработникот на Путин, Михаил Пјотровски, директор на најпознатиот руски музеј, Ермитаж.

Обидите на Њујорк Пост – телефонски, па по имеил – да добијат коментар од Галеријата Гагосјан, завршиле глуво.

Њујорк Пост пишува како Лери Гагосјан издашно им помогнал на Абрамович и на неговата поранешна сопруга Даша Жукова да ја изградат својата голема уметничка збирка, влучително со дела на Френсис Бејкон и Дејмиен Хрст.

„Во годините додека работев за Галеријата Гагосјан, гледав како интересите на Лери се поместуваат од клучните американски колекционери кон мајка Русија“, вели поранешен вработен на Гагосјан, кој со последното алудира на ерменското потекло на Лери, односно на блиските односи Ереван – Москва.

На Гагосјан му се забележува и дека за да ги намами руските клиенти кои „ја обезвреднуваат уметноста со самото свое присуство“, организирал изложби во Москва со дела на Дејмиен Хрст, Џеф Кунс, Вилем де Кунинг … (секако, забелешките не држат ако се погледне низ призмата на невините во однос на инвазијата на Украина московски и руски љубители на уметноста), финансирани и од сега санкционираната Алфа банка на Михаил Фридман.

Четирите Мерилинки на Енди Ворхол

Последниот во 2013-та од Гагосјан ја купил „4-те Мерилинки“ (Four Marilyns, 1962) на Енди Ворхол за 38 милиони долари (патем и препорака да ја погледнете одличната документарна серија на Нетфликс, „Дневниците на Енди Ворхол“), а на почетокот од дилерската врска со Лери си набавил дело од серијата „Мида и Бесконечното“ на Дејмиен Хрст (каде на монохроматска, златна позадина – според легендата за кралот Мида, Хрст ги ставил ‘своите’ пеперутки, алудирајќи дека златото знае да биде и затвор – во смисла на златен кафез).

Њујорк Пост во текстот покрај Гагосјан ги прозива и големите аукциски куќи Кристис и Сотбис, „кои бесрамно им се додворувале на олигарсите“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here