„За ајахуаска првпат слушнав пред повеќе од десет години, додека живеев во Америка, од една другарка што ми ја претстави како лек; но, од она што тогаш површно го дознав, јас не добив таква претстава. После неколку години, сѐ уште во Америка, на една Фејсбук група прочитав многу позитивни искуства за ајахуаската: како девојка која ја пиела оваа духовна напивка си ја видела целата своја лоша енергија како кал и ја исфрлила со повраќање (под дејство на ајахуаската), за потоа виножито да ѝ го исчисти телото. Друга членка на групата препорача документарец со едно момче кое оди во ајахуаска центар со сериозен здравствен проблем и после недела-две веќе му е осетно подобро. Тогаш почнав да истражувам, да гледам документарци, да читам книги, форуми на интернет. Тоа беше пред шест години. Но, како што викаат поискусните практичари: ако почнеш да размислуваш за ајахуаската, значи таа те повикала, како анима – личност од некое анимистичко верување.“

Вака нашата соговорничка почна да ни го раскажува своето неодамнешно ајахуаска искуство, доживеано во Перу, кое ние ќе го прераскажеме како репортажа.

И можеби не е на одмет веднаш да напоменеме дека ајахуаска е психоактивна напивка што се користи во народната медицина на домородното население од басенот на Амазон. Со тоа што последниве неколку децении се популаризира и нејзината таканаречена нетрадиционална употреба, низ Северна Америка, Европа, светот. Луѓе со позитивни ајахуаска искуства ја опишуваат церемонијата на пиење на напивката како години психотерапија остварени во една вечер.

Подготвување ајахуаска

А нашата соговорничка со години барала каде и особено кому да ја подари својата доверба за прво пиење ајахуаска, имајќи предвид дека постојат и многу лоши искуства, поврзани со лоши шамани (шаманот е многу важен; ќе видиме подолу зошто), контраиндицирани лекови, дроги, дијагнози.

„Порано само шаманите пиеле ајахуаска – Индијанците изговараат ајоуаска. Кога некој имал мака доаѓал кај шаманот кој со некоја моќ што му ја давала ајахуаската – да зборува со духовите на шумата или преку астрална проекција – дознавал во што е проблемот и како да се реши. И денеска не е доволно јасно како делува активната состојка на ајахуаската – ДМТ (N,N-Dimethyltryptamine – DMT). Сериозно ја проучуваат и научно, хемиски; потврдуваат дека дефинитивно допира до потсвеста, но јасен одговор како дејствува нема. Не се знае ни точната доза за оптимален ефект. Напивката ја подготвуваат од две растенија – едното е вид лијана, другото се ливчиња од грмушка, чакруна (psychotria viridis), која ја содржи психоактивната состојка. Другото растение во случајов делува како инхибитор, за ензимите што ги имаме во стомакот да не го деактивираат ДМТ-то; односно за тоа да може да стигне до мозокот.“

Лима виа Париз виа Скопје, со зачеток во Малага

Додека нашата соговорничка зимава била на подолго патување во Шпанија, решила да побара ајахуаска центар во Европа (со увезени шамани и напивки), но патот ѝ се отворил поинаку, кон Перу.

„Уште претходно контактирав еден шаман од племето Шипибо. Се вика Вилер и работел за американските ајахуаска центри во Икитос (Перу), но подоцна си отворил свој центар во околината на Пукалпа. На неговата веб-страница го има оставено и личниот телефонски број. Кога го контактирав ми се потврди првиот позитивен впечаток, но ми кажа дека не доаѓа во Европа поради пандемијата. Во Шпанија платив и бев жртва на измамничко искуство, но еден од моите сострадалници ми препорача добар Јутуб канал со рецензии на ајахуаска центри. Таму одгледав интервју со шаманот Вилер (на насловната слика), чиј центар имаше одлични рецензии, и откако одново го контактирав решив да одам во Перу, штом тој не може да дојде поблиску.“

Нашата соговорничка ни кажа дека пред да отпатува (Скопје–Париз–Лима), две недели била на строга диета препорачана од шаманот: без воопшто сол, шеќер, кафе, индустриски производи, црвено месо (може само риба и евентуално пилешко), лекови, какви и да се сексуални активности. Истиот пост важи и минимум две недели после пиењето ајахуаска.

„Варев наут, киноа, грав, сѐ без сол, ужас. Ако ја држиш диетата како што треба, ајахуаската помалку ќе има што да чисти физички, појако ќе биде психичкото чистење. Ама ако не ја држиш добро, првите пиења ќе ти бидат само повраќање и останато чистење на телото. Диетата, секако, и психички те подготвува за чинот.“

По неколкудневниот престој во Лима (огромниот главен град на Перу ни го опиша како сличен на Скопје во урбанистичка смисла, каде недостатокот од побујна вегетација поради слабите врнежи, го надоместува погледот на Пацификот) нашата соговорничка полетала кон Пукалпа („Перуанците без оглед на релативно нискиот стандард често летаат – авионите им се како автобуси – манифестирајќи завидна култура“), каде (за разлика од Лима) ја дочекал силен дожд, типичен за дождовната сезона во басенот на Амазон.

Во Пукалпа дошла во сабота, а шаманот Вилер следниот ден ја земал од хотелот за заедно, со тук тук (претопло е за друг вид такси), да се довезат до неговото бротче ‘укотвено’ во реката Укајали, најголемата притока на Амазон. Пловењето (45 минути) до центарот на шаманот било импресивно, по реката на одредени места широка и повеќе од километар, во која можат да се видат и амазонските речни делфини.

Во тамбото – бунгаловот во кој се сместила во ајахуаска центарот – ја пречекале колибри со гнездо во палмините листови од покривот.

Вриежот од жив свет – гуштери во дречливи бои, огромни пеперутки, е атракција дење, но проблем ноќе.

„Во бунгаловите има мрежа под покривот, на верандата, и мрежа над креветот која пред да заспиеш мораш добро да ја вовлечеш под себе. И пак не ти гарантира 100-осто заштита. Кога му искоментирав на шаманот за инсектите ми одговори: Аmigos de la selva (пријатели од шумата).“

Не пиј ајахуаска со кренат гард: ќе те исшутира

Во центарот на шаманот Вилер церемонии за пиење ајахуаска има во понеделник, вторник, четврток и петок – во среда се паузира. Утрото од денот пред првата церемонија (понеделник), нашата соговорничка и другите од истата тура (меѓу кои двајца Руси, двајца Романци, двајца Американци, Белорусин, Канаѓанец и Германец со турско потекло … ) добиле подготвителна напивка, пурга, за чистење, која се пие ‘на гладно срце’, а потоа треба обилно да се залее со топла вода – барем литро-две.

Во деновите кога има церемонија не се вечера, а околу 18 часот се престанува и со пиење вода. Два часа потоа сите треба да се соберат во малока – церемонијалниот простор.

„Пред да почне церемонијата се миеш со вода во која се потопени растенија за заштита. Потоа шаманот разговара со секој посебно. И на сите им дава одредена тревка како припрема, според нивните потреби. Во малоката сите се на душеци наредени во круг.

Кога почна главниот настан мислам дека сите бевме уплашени. Првата вечер имаше дури 5 шамани, а ние бевме 11 души, па можеа добро да ни обрнат внимание. Некои беа дојдени поради физички болести, со красти, на пример; некои тврдеа дека страдаат од црна магија, вуду …

Пред шаманите да те послужат со ајахуаска го отвораат шишето и му пеат. Му дуваат и чад од тутунот мапачо што цело време го пушат. Според шаманите мапачото те фокусира, ги носи добрите енергии од шумата, а го чисти просторот од лошите. Ајахуаската е густа, иако не премногу, кафеава, компактна, како добро да си измешал вода со земја. Вкусот е земјен, горчлив, мене не ми беше непријатен како што го опишуваат. Шаманите велат дека рецептот – точно кои билки да ги миксаат и како да ги подготват – го добиле нивните предци од духовите на шумата. Многу од нив не го знаеле шипибо јазикот, родени и израснати во шпанско говорно подрачје, ама кога почнале да пијат ајахуаска, им се вратил јазикот на предците. Мене ми подадоа полна чаша (околу 70 милилитри). Реагирав дека ми е првпат, но ми одговорија оти не е проблем. Се пие одеднаш. Свеќа свети додека шаманот ги послужи сите, а после тоа се гасне, за да се добие потполн мрак. Дозволено е само црвено дискретно ламбиче, за да не пречиш ако треба да се снајдеш во просторот. На дофат имаш ладала, па аква флорида (цветна вода) која многу убава мириса, а ја ставаш на телото за да те фокусира и да не ‘одлеташ’, како и кантички за повраќање.

Инаку, јас сум личност која тешко се препушта, сакам да останам во состојба на контрола.

Затоа сите уште претходно ми викаа: А! Сакаш да ја задржиш контролата? Ајахуаската ќе те исшутира! (Will kick your butt). Дури и за искусните пијачи викаат дека не се знае како ќе поминат на следната ајахуаска церемонија – може да нема ништо, може да те нападнат најголемите стравови, или да ја доживееш најголемата љубов. Поговорка е дека ајахуаската ти го дава тоа што ти треба, а не тоа што го сакаш.

Кај мене почна со трнење на рацете, па почувствував како стомакот ми оди нагоре. Почнав да повраќам, не беше болно, туку некако многу непријатно, како најлош мамурлак помножен по десет; никако не можеш да се наместиш, секако ти е лошо. Почнав да тонам, ефектот на калеидоскопија што многумина го доживуваат кај мене не беше многу изразен. Го гледав од страна ама како да беше подалеку и матен. Бидејќи пружав отпор, не се препуштав, тогаш ми почна напад од параноични мисли што многу ме уплаши: „Сите пробале, па ајде и ти се најде!“, „Туристичка замка!“, „И самата знаеш дека порано само шаманите пиеле, а не туристите!“, „Утре ќе те убедуваат пак да пиеш, немој никако“, „Утре менувам авионска карта и веднаш се враќам … Морам да се вратам нормална дома, шаманиве се демони, ни ги вадат душите …“. Поради ваквите мисли, поради стравот, ја избркав и најубавата визија што ја имав, мојата конекција со растението. Почна џунглата да расте околу мене, и почнав и јас да добивам зелени крлушки од лисја, ми дојде зеленилото до пред очите, целата почнав да станувам зелена, ама се уплашив и ја избркав визијата. Ги избркав и јагуарите кои ги фатив некаде со погледот. Чувството ми беше совршен мир. Штом ја избркав визијата пак ми стана лошо. Многу ми беа непријатни песните на шаманите, се викаат икарос, како бајалки се. Велат дека растенијата им ги праќаат. Пеат како што им доаѓаат песните, сите различно. Какофонија. Па секој шаман посебно доаѓа до тебе да ти даде личен икаро, лековита песна. После церемонијата која траеше 4-5 часа се чувствував многу исцрпено, но не отидов да спијам туку останав надвор да уживам во прекрасното небо, на кое се гледаа сите ѕвезди.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here