Ана Јовановска е ликовен уметник со диплома од скопски ФЛУ на одделот графика со графички дизајн. Бидејќи поимот уметност главно ја асоцира на емоција, а меѓу емоциите најнаклонета ѝ е на радоста, Јовановска се изразува преку рачно изработени плетени играчки, односно главно им се обраќа на децата – на публиката која е создадена најчисто да радува и да се радува


За твоите плетени играчки/кукли раскажуваш како да ти се најголемо задоволство; како нивното производство да не го доживуваш како работа. А кога ќе се види перфектноста на изработката, јасно е дека покрај талент и знаење, бараат и многу труд. Радоста, содржана и во името на твојата работилница, дефинитивно е главната состојка во процесот до готов производ. Очигледно е и учеството на твојот талент и соодветно уметничко образование. Останува материјалот. Кажи ни нешто за техничките карактеристики на твоите играчки?

Отсекогаш сум ги сакала традиционалните занаети: копаничарство, филигран, плетење, везење и др., затоа што користејќи едноставни алатки и своите емоции човековото битие може да создаде фасцинантни дела.

Техниката во која работам се вика амигуруми и претставува јапонска уметност на изработка на мали фигури со плетење; одличен начин да се одржи врската и со нашата традиција.

Во мојата радосна приказна која трае веќе пет години еден од важните предизвици беше и тоа да создадам еколошки и безбеден производ за новороденчиња од 0+, па нагоре. Благодарение на тоа што во мојата фамилија жените се занимавале со плетење, мене материјалите за изработка не ми беа непознати. Играчките кои ги изработувам се од 100% памучен конец од наше домашно производство. Во нив не вметнувам пластични, метални или порцелански додатоци. Сите делови во играчката се изработени од конец што самата играчка ја прави во целост безбедна. Лесни се за одржување, се перат во машина за перење алишта на соодветна програма, и исто така се сушат во сушара, а притоа не ја губат формата. Многу важно во процесот на создавање е тоа што имам завршено уметност и знаењата за пропорција, форма, боја ми се огромна помош во создавањето на шеми во моментот на плетењето; не губам време во броење редови и котелци од веќе изготвени шеми.

Дали се чувствуваш доволно изразено како уметник преку твоите плетени дела? Си размислувала ли за изложба? Лесно би можело да се осмисли концепт.

Самиот поим уметност мене ме асоцира на емоција, а она што јас како создавач го чувствувам додека ги изработувам играчките е огромно количество љубов и радост, така што можам да потврдам дека сум целосно исполнета. Додека трае процесот на плетење имам огромен простор за размислување и низ тие мисли често се надоврзуваат мисли за излагање во уметничките кругови, да се раскаже уште една приказна која ќе има свој симболика.

Ако се ставиш во улога на твој клиент, која играчка, кој лик би си го исплела за себе?

Искрено признавам дека никогаш не сум се поставила себеси во таа улога. Меѓутоа си го имам сплетено својот ангел чувар, онака како што јас си го замислувам.

Со дела на кои твои колеги уметници си ја храниш инспирацијата?

Многу сум благодарна за сета уметност која е создадена низ историјата, сите вредности и емоционални отпечатоци кои ни се оставени во наследство без разлика дали е тоа платно, фреска, мурал, стрип, филм, книга, музика, опера, балет, или театарска претстава. Секој човек кој ќе наиде на информација за уметноста уште од катакомбите, пештерското сликарство, светски познатите имиња во било која сфера од гореспоменатата уметност и помалку познатите, и денешната уметност, треба да е свесен дека и самиот тој е дел од таа уметност. Сите ние сме меѓусебна инспирација и не би ја двоела целината.

Луѓето треба многу повеќе да се занимаваат со уметноста од нашата земја за да се доближат до своите корени. Да го посетат Курбиново, да ги исчитаат Кочо Рацин, Блаже Конески, Радован Павловски, Горан Стефановски, Луан Старова и многу други, да слушаат македонска музика и гледаат македонски филм, да го посетат Даут-пашин амам, и од сето ова да станат свесни дека се дел од народ кој има богата култура зад себе.

Она со кое што јас лично си ја хранам душата последниве години е филозофијата на источната култура која многу ми помага да го вреднувам она што го имаме и носиме во нас, духовното наследството оставено од генерациите претходно.


Погледнете галерија играчки од „Радост – рачни изработки“:

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here