Данско-норвешкото уметничко дуо (Михаел Елмгрен и Ингар Драгсет) познато како Elmgreen & Dragset деновиве ја има запоседнато Фондацијата Прада во Милано со изложбата „Бескорисни тела?“ (Useless Bodies?) распослана на над 3000 квадратни метри.

За поразбирливо читање понатаму веднаш ќе кажеме дека Elmgreen & Dragset по концептуалниот сензибилитет се споредливи со големиот италијански пренкстер, Маурицио Кателан (неслучајно ги застапува истиот агент/галерист, Емануел Перотан, односно неговата Galerie Perrotin); и оти за изложбата „Бескорисни тела?“ Фондацијата Прада (Fondazione Prada) наведува дека ѝ е „едно од најамбициозните тематски истражувања досега реализирани“, при што треба да се има предвид оти во оваа институција основана од познатата модна куќа, а посветена на современата уметност и култура, досега се претставиле и ‘институции’ како Аниш Капур, на пример.

Споменатата изложба на Elmgreen & Dragset со скулптурални и преформативни дела ја истражува моменталната состојба на човечкото тело во пост-индустриската ера, во која се чини дека нашето физичко присуство ја губи својата централност или е дури сосем излишно. Оваа промена влијае на секој аспект од нашите животи: од условите во кои работиме, преку нашето здравје, меѓучовечките односи, до начинот на кој ги ‘памтиме’ информациите. Уметниците истражуваат и како ние физички се прилагодуваме на светот кој сѐ повеќе се заснова на дводимензионални слики, во околности кои КОВИД-19 пандемијата само ги потенцираше, објаснуваат од Фондацијата Прада.

Или како што велат Elmgreen & Dragset: „Нашите тела веќе не се главни агенти на нашата егзистенција. Тие не генерираат вредност во нашите општества со напредни производствени методи како што тоа беше во индустриската ера. Некој дури може и да рече дека нашето физичко јас стана повеќе препрека отколку предност. Во 19-тиот век телото било производител на добра, додека во 20-тиот тоа главно ја доби улогата на потрошувач. Дваесетина години од овој, 21-ви век, статусот на телото е сличен со улогата на производите – со нашите податоци собирани и продавани од големите технолошки компании. Имајќи предвид колку е бесмислено она што го знаеме како јавност околу ова собирање податоци од страна на технолошките џинови; и со колкава брзина овие компании се шират низ сите аспекти на нашите животи, понекогаш е застрашувачки да се мисли за идната улога на нашите тела.“

Инаку, ова не е прва соработка на Elmgreen & Dragset со Prada: во 2005-та дуото среде тексашка пустина ја постави скултпуралната инсталација „Prada Marfa“ – вистински бутик со облека, чевли и торбички од колекцијата есен/зима 2005-та на миланската модна куќа, селектирани лично од Мјуча Прада, со тоа што вратата на бутикот беше направена нефункционална … „Марфа“ (во името на проектот) доаѓа од истоименото гратче со околу 2000 жители, кое е најблиското (42 километри) населено место до бутикот. Да не должиме, пораката на проектот би требало да е јасна: живееме во пустина, додуша само духовна, ако низ животот нѐ води конзумеризмот … да не навлегуваме во другите слоеви …

Да се вратиме на изложбата „Бескорисни тела?“, каде може да се видат класични скулптури, актови, на кои е прикажан статусот на телото во класичните времиња; во споредба со скулптури на денешниот човек, со изгубен поглед; кој би требало да се чувствува многу посигурно после илјади години цивилизација, со гарантирани права и останати општествени извесности, но сепак е несигурен како никогаш досега …

Во просторот на Фондацијата Прада изградени се и луксузни базени за пливање, покрај кои капачите вообичаено го покажуваат трудот околу своето тело, но овде базените и околината се празни …

Сето некако завршува со домот на иднината, во кој човекот е труп во мртовечница, сместен во соодветен фрижидер, а по него тажи куче робот … веројатно умот на газдата е дигитализиран и платоновски ослободен од материјата, за со неверојатна брзина да стигнува секаде низ глобалната мрежа; или, ако сакате, Метаверзумот …

Сето ова пак убаво се надоврзува на опусот на Констракта, која на крајот на својата евровизиска песна „In Corpore Sano“ прашува чуму толку ‘гинење’ за здраво тело; при слабите, тажни или очајни умови? (Можеби токму затоа што умовите ни се такви? Овде секако се мисли на здраво тело во смислата на „тајната на здравата коса на Меган Маркел“)

Односно, главното надоврзување е во однос на прашањето на Констракта кое на македонски би било: И што ќе правиме сега?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here