„Врската помеѓу различноста на активностите кои ме интересираат е можеби водечка за функционирање по системот ‘надвор од кутија’. Човек кога е влезен само во една активност, некогаш не ги гледа решенијата, од толку што се блиску пред него. Дигестирањето на работите од една активност, според мене ќе биде поуспешно доколку накратко се замени со друга активност, неповрзана со претходната. Мојот спорт е животот, колку и да делува одговорот апстрактно“, вели фитнес тренерот на македонската фудбалска репрезентација, Владимир Вуксановиќ, чии стручни квалификации од областа на физичката култура овде не можеме ниту да ги донаброиме; што секако добро им доаѓа на неговите студенти на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје …


Што вклучува твојата работа како фитнес тренер на оваа извонредна фудбалска репрезентација на Македонија со која престанавме да бидеме скромни во однос на очекувањата?

Како што кажува името „фитнес”, овој профил на тренер во фудбалските клубови работи на подобрување на кондициските капацитети на фудбалерите, преку суплементациски тренинзи (не секогаш, но најчесто без фудбалска топка). Во овој дел влегуваат тренинзи за издржливост, силови способности, тренинзи за брзина, тренинзи за опоравок. Ваквите тренинзи вклучуваат активности/вежби, кои ќе му овозможат на фудбалерот/ката да биде подобро спремен/а за време техничко-тактичката подготовка на тренинзите, но и на целиот тим за време на натпреварите. Фитнес (или кондицискиот) тренер стана дел од скоро секој стручен штаб во фудбалските клубови и националните репрезентации.

Во националните репрезентации, играчите како тим поминуваат заедно многу мал временски период, во еден „прозорец” од натпревари (10-15 дена). И тоа само при квалификациските циклуси (подолго се заедно, кога се работи за континентално или светско првенство). Па, временскиот период на работа врз трансформација на кондициските (моторички) способности е многу мал. Ваквите суплементациски тренинзи, играчите ги поминуваат во матичните клубови. Но затоа пак, во еден прозорец од репрезентативни натпревари, кондицискиот тренер има задача да го спреми основниот дел од загревањето за секој тренинг и меч. Да изведе тренинг за опоравок, по секој меч. Да понуди добри вежби за активација на фудбалерите/ките, во утринските часови на денот на мечот, за да бидат спремни фудбалерите/ките, да дадат максимум за време на мечот во вечерните часови. Загревањето на резервните играчи, за време на мечот е исто така задача на кондицискиот тренер. Дел од резервните играчи кои нема да имаат доволно минути игра во целиот прозорец од квалификациски мечеви, потребно е да се одржат во добра кондиција, за да немаат пад на формата кога ќе се вратат во матичните клубови. Па се изведуваат кондициски тренинзи по самиот меч, или комбинација од кондициски и фудбалски тренинзи на денот по мечот, додека фудбалерите кои играле за време на мечот, работат опоравок. Исто така, кондицискиот тренер има задача да одработи тренинзи со играчи кои имаат жолти картони (немаат право на настап) за еден од мечевите во прозорецот од мечеви. Или пак е потребно да доработат некоја рехабилитациска програма, препорачана од матичните клубови. Накратко, ова е описот на работното место – кондициски (фитнес) тренер во фудбалскиот свет.

Бидејќи во ова прашање, националниот А тим го опишавте како „извонредна фудбалска репрезентација”, морам да додадам: Да, дечките се фантастично квалитетни играчи, борци до последниот атом сила, за репрезентацијата и дресот кој го носат. Со таквиот пристап, успехот е неминовен. Очекувањата на сите нас, не се воопшто скромни. Тоа е насоката по која цврсто чекори, оваа фудбалска репрезентација.

Кои се спецификите на твојот тренерски пристап (што правиш различно од колегите) и можеш ли да формулираш некое мото што ќе ги изрази твоите цели во работата со македонските репрезентативци?

Настрана од знаењето и искуството во работата, секој тренер внесува своја уникатна енергија во тимот. Во моето професионално искуство, горд сум што матичната професија на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ми е овозможи да се усовршувам во полето на спортот, како кондициски тренер. Спојот на наука и пракса е многу битен. Го има тоа и кај другите колеги тренери (и не само кај кондициските тренери). Нема успех без овој спој. Можеби кај мене, овој пристап, заради работните задачи, беше задолжителен од поодамна.

Уживам во споделувањето на искуството со колегите. Сакам да соработувам со сите нив, со кои имам контакт. Од сите колеги тренери учам и кон сите пробувам да споделам мое искуство. Интеракцијата на ваквите споделби на искуствата е битна. Трансферот на информации, во ова време е со „светлосна” брзина. За да се задржи чекорот, во новините за начинот на тренирање, ова споделување на информации е чекор број еден. Имплементирање на знаењето во пракса претставува финале на нештата.

Интеракција со играчите (и колегите од стручниот штаб) е интуитивна активност. Условите побаруваат брза реакција на некои теми, брзи одговор, бодрење, препораки, суптилна мотивација. Играме со „големи” клубови (што тоа и да значи. За мене ништо особено не значи, но сепак респект кон искуството на секој противник). Одговорноста на секој играч за време на мечот е огромна. Сите фудбалери се свесни за оваа одговорност. Сите фудбалери се човечки битија. Секој од нив бара поддршка од колегите. Она што пробувам(е) да го пренесам(е) кон фудбалерите е дека треба да бидат (сите ние да бидеме) внимателни, паметни во реакците. Да ги стават во функција своите квалитети. Кога ќе излезат на терен да бидат дисциплинирани. Да бидат сплотени. Да делуваат како еден. Да ги извршуваат договорените задачи. Да имаат респект кон противникот. Но, да дадат до знаење дека не бадијала се тука, на теренот. Да уживаат во тоа што најдобро знаат да го прават, а тоа е фудбалската игра. И да знаат дека може да се носат со секого. Па, на тој начин противникот ќе има задача да најде решенија за да се носи со нашите дечки.

Си работел како инструктор за снежни спортови, за планинарски спортови (си го искачил и Монблан); како кондициски/фитнес тренер во фудбал, кошарка, тенис … Но, кој е твојот спорт? На кој му се препушташ најприродно – и без да го доживуваш низ професионалните контексти?

Врската со природата и планината е водечка тема, кај мене и во мојата фамилија. Заедно со мојата ќерка и сопруга се надополнуваме кога сме во опкружување на природата, а особено во планинските активности. Можеби ќе делува форест гамповски, но, доколку не уживам (сакам да бидам активен) во сите споменати работи (има и некои други), тогаш немаше да бидат присутни во прашањето. Едноставно, се чувствувам пријатно, исполнет. Имам интерес.

Би додал, врската помеѓу различноста на активностите кои ме интересираат е можеби водечка за функционирање по системот „надвор од кутија” (outside of the box). Човек кога е влезен само во една активност, некогаш не ги гледа решенијата, од толку што се блиску, пред него (пред мене). Дигестирањето на работите од една активност, според мене ќе биде поуспешно доколку на кратко се замени со друга активност, неповрзана со претходната. Мојот спорт е животот, колку и да делува одговорот апстрактно ☺

Поседуваш и лиценца за летање со лесен авион. Имаш ли можност доволно да ја користиш?

Летањето со едрилици, а подоцна и со ултралесни авиони, постана дел од мене кога имав 16 години. Мислам дека Аеро клубот, всушност активностите во него (и инструкторите) влијаеа кон нас да созрееме. Не е мала одговорност да помогнеш ученикот да може сам да управува летало и згора на тоа да ужива. А бенефитот од созревањето се покажува подоцна. Кога се работи за преземање на одговорности, особено во пронаоѓањето на решенија.

Последните неколку години, не стасувам доволно, во летачките активности. Но, се надевам ќе дојде и тоа повторно на дневен ред.

Човек со твојата биографија, како професор, сигурно влијае силно мотивирачки на студентите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (во рамките на УКИМ). Каков е одекот во оваа смисла? Се образува ли стручен кадар од областа на физичката култура што ќе му даде нов залет на македонскиот спорт?

Пробувам да ја завршам работата кон Факултетот најдобро што можам. И тука одговорноста не е мала. Особено во нашата држава, кога образованието е (да не претерам) малку разнишано. Поминувавме (и сѐ уште сме во) некоја си транзиција, со менување на наставни програми, со подобри или полоши чекори, во целиот образовен систем.

Но, и тука, во оваа професија уживам. Особено кога ќе почнам да добивам стручни информации од студентите, кои сум ги немал претходно. Тоа ме мотивира многу.

Короната нѐ натера (овозможи) да станеме посилни. Да направиме достапни некои од алатките, кои не беа на виделина. Да вклучам малку повеќе од она што е Data Science и сите бенефити од ова поле. Меѓу другото воведовме новини кои нема да ги лимитираат студентите, туку ќе им дадат можност повеќе во студирањето. На пример, моите предавања за секоја генерација, ги снимам и им се достапни за преслушување на студентите („public” се) на YouTube. Ова не е нешто ново, но е еден пример, кој нѐ потсети сите нас дека има можности, само треба да се искористи она што постои.

Факултетот за физичко образование е лидер институција во кинезиологијата, во Македонија. Залетот е фатен од поодамна. Наша задача е да ги дооформиме стручно потенцијалните професори по физичко и здравствено образование, но и тренерите. Мислам дека сме успешни во ова. За ова се заслужни сите колеги кои се дел од оваа институција.

Каква улога имаат во твојот живот културата и уметноста? Кои се твоите културни избори: кои писатели, музичари, режисери, ликовни уметници … и нивни дела ти се омилени?

За мене врската со културата и уметноста е преку музиката. Растев и се оформував преку гранџот (Grunge) и сите бендови од REM до актуелните новини на Radiohead, Red Hot, Smashing Pumpkins, Pearl Jam…, но, и македонска сцена со сличен стил Архангел, Суперхикс, во поново време Фанк Шуи …

Сопругата е џезерка. Таа е крива за интересот кон џезот и Miles Davis, Pat Metheny, Jan Garbarek …

Mногу години наназад, од кога првпат ја прочитав „Во потрага по чудесното” (Успенски), интересот за читање ми е насочен кон литература поврзана со Георгиј Иванович Гурџиев. Не дека нѐ влетува и нешто друго. Но, сепак, најдов вредни животни насоки во текстовите од (и оние поврзани) со делувањето на Гурџиев и вечната потрага по смислата на животот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here