Италијанскиот неприлагоден (или хиперреално прилагоден ?) уметник Маурицио Кателан (Maurizio Cattelan) не се плаши од смртта; што му дава можност со неа (барем) да ги згрозува оние кои би можеле да сменат нешто со понеопортун, поемпатичен однос кон жртвите, како моментално највидливите, кои страдаат и пострадуваат поради руската инвазија на Украина.

Смртта е ударната игла и на двете нови изложби на Кателан во Милано, кои од својата ведра страна треба да го помогнат конструктивното искористување на болката и траумата во овие времиња на кризи.

„Овие две дела можеби не се експлицитно поврзани со трагедиите на пандемијата и војната (во Украина. н.з.), но можеме ли да ги апстрахираме од времето во кое живееме? Уметноста не постои без реакциите на публиката“, изјавил Кателан за Artnet News по поводот.

Двете изложби се со по едно Кателаново дело – „Заспивалка“ (Lullaby) и „ТИ“ (YOU) – и се отворени во рамките на Миланската недела на уметноста; а според уметникот функционираат како „лупа за нашите скриени болки“.

Првата изложба, „Lullaby“, е реинсталација на дело со истото име креирано од Кателан во 1994-та, кое уметникот сега му го донирал на градот Милано, каде моментално живее. Инсталацијата се состои од купишта вреќи наполнети со шут што Кателан го собрал од урнатините на музејот на современата уметност во Милано – „Павилјон за современа уметност“ (Padiglione di arte contemporanea (PAC)), кој во 1993-та беше уништен од експлозија на бомба поставена од италијанската мафија, во време кога Италија како држава покажа поголема посветеност во борбата со оваа форма на организиран криминал. Во овој напад загинаа 5 луѓе.

Наместо како при првата инсталација (од 1994-та) да ги смести купиштата вреќи во бела, неутрална соба – оставајќи да зборуваат сами за себе; Кателан сега ги поставил во многу поасоцијативен и поопоменувачки амбиент; а имено во крематориумот на миланските Монументални гробишта (Cimitero monumentale di Milano). Овде два купа автентичен шут од урнатините на „Павилјонот“ се ставени на шините по кои се пренесуваат телата на починатите до печките за кремирање.

„’Lullaby’ е симбол на колективната траума: драматичните бомби кои ја потресоа Италија (и пошироко) гаѓаа културни локации, музеи и институции, и иконично претставуваа напад на самата идеја за иднината“, вели Кателан, според кој шутот собран од урнатиот „Павилјон“ е физичка препрека на неблагодарниот пат кој води до целосно заборавање на трагедиите, а кој кога го изодуваме до крај, по него ни се враќаат нови трагедии.

Втората изложба, „YOU“, е на сосем ново дело на Кателан, во кое тој – негова скулптура, е обесен во бања.

„Големите промени, револуции, трауми, сите носат неизвесност. Всушност, секое време е неизвесно и подразбира загуби. Оттука ’Lullaby’ и ‘YOU’ се во добро друштво. Ако се осврнам на мојата работа, јасно е дека сите мои дела ги поврзува ова чувство на загуба“, вели уметникот; кој со своето бесење = смрт овде си ги решил сите неизвесности; но, во истовреме оваа ултимативна контрола врз болката и страдањата (кои ги нема после смртта) значи и ужасен неуспех – себепредавство и предавство на „идејата за иднината“, која, нели, зависи од луѓето. На овој дел веројатно се однесува цвеќето (и изразот на лицето) кое обесениот Кателан го држи в рака: личи како да не го носи на погреб, туку по некој поубав повод …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here