Централната изложба на овогодинешното Венециско биенале, „Млекото од соништа“ (The Milk of Dreams), името го позајмува од книга на мексиканската уметница и книжевница Леонора Карингтон (1917-2011) (родена во В. Британија), во која е претставен свет на неограничени можности за лична (како основа и за колективна) трансформација, остварена преку имагинацијата; каде секој може да направи нов почеток, да стане нешто друго или некој друг.

Во согласност со каузата на Карингтон, која била една од предводничките на Движењето за женска слобода во Мексико, кураторката на изложбата „Млекото од соништа“, Чечилиа Алемани, силен акцент ставила на женските и родово неусогласените уметници. Во централната изложба не е вклучено ниту едно истакнато машко име, што не значи дека на биеналето нема формати од видот на Георг Базелиц или Анселм Кифер.

Но, во овој дел (наспроти женската доминација ☺) особено се истакнува Аниш Капур. Чија голема изложба е распослана на две престижни локации – Галеријата на академијата и Палацо Манфрин. Ова претставување на Капур долго се очекуваше, особено како премиера на делата со најцрниот црн материјал (пигмент), фамозниот Вантаблек, што апсорбира барем 99,8% од видливата светлина, а за чие користење британско-индискиот уметник има ексклузивни права.

„Празен павилјон“

Според посетител на изложбата кој ни раскажуваше, делата со Вантаблек „како што беа ‘рекламирани’“, ја впиваат речиси целата светлина што паѓа на нив. И стануваат бездни чие дно не се гледа, колку и окото да се обидува да го наѕре.

Но, впечатокот на посетителот е дека концептуалниот потенцијал на материјалот не е доволно искористен: „Делото маѓепсува ‘на прва’, но потоа го доживуваш како магионичарски трик, без длабокиот ефект што се очекува од Капур.“

„Симнување во лимбо“

Во своја одбрана, Капур и неговите домаќини/организатори во Венеција, потсетуваат дека ‘кожата’ на предметите како перде меѓу внатрешниот и надворешниот свет отсекогаш била силно присутна во практиката на истакнатиот уметник.

Оттука, од Галеријата на академијата сметаат дека скулптурите со Вантаблек го носат ова Капурово видување до радикално нова територија, до форми кои истовремено ги има и ги нема во очите на гледачот, односно со кои пердето меѓу внатрешното и надворешното е сосем симнато.

Самиот Капур вели дека мотивот на наборот во ренесансното сликарство бил знак на (физичко) постоење, а со бришење на контурата и работ се нуди можност да се оди подлабоко во битието, од другата страна на постоењето. Дополнителен слој од концептуалниот потенцијал на Вантаблек уметникот вади со истражувањето на темнината не само како физичка, туку и психичка реалност. Со психичкиот дел од оваа темнина се поврзани други делови од Капуровото претставување на биеналето, а кои како да алудираат на руската агресија во Украина.

Во Академијата е поставен специјално направен топ кој исфрла тешки ѓулиња од темно црвен восок по ѕидовите, претворајќи го просторот во крваво бојно поле. Насловот на делото е индикативен – „Пукање во ќошот“ (Shooting into the Corner; што е проект на Капур од 2008-2009) …

„Пукање во ќош“

Земјава на 59-тото Венециско биенале ја претставуваат Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска со проектот „Пејзажно искуство“; кој, исто така, како да се осврнува на вечната борба меѓу духовната светлина и темнина, заострена со војната во Украина …

„Пејзажно искуство“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here