Пред легендарната банана, најпознато дело на италијанскиот уметник Маурицио Кателан (Maurizio Cattelan) беше „Деветтиот час“ (La Nona Ora, 1999), статуата на папата Јован Павле II, кој во случајот е погоден и турнат од метеорит (името на делото реферира на Христовите зборови „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?”, изговорени во деветтиот час од петокот во кој бил распнат).

По нарачка од Кателан оваа статуа ја изработил францускиот скулптор специјалист за восочни фигури (бил и официјален скулптор на парискиот Музеј Гревен (Musée Grévin) на восочни фигури), Даниел Друе (Daniel Druet), кој за тоа бил исплатен по договор. (Самиот Кателан во интервјуа отворено кажува дека ниту (добро) знае да слика, ниту да ваја. Неговата уметност никогаш не била во техничката вештина.)

„Деветтиот час“

Но, Даниел Друе, кој покрај за „Деветтиот час“ изработил скулптури и за потребите на други дела на Маурицио Кателан, сега тврди дека последниот цело време му ја присвојувал интелектуалната сопственост.

Во тужба по која на 13-ти мај ќе почне процес во париски суд специјализиран за интелектуална сопственост, Друе тврди дека на восочните модели што тој ги изработил се засновани девет од најпознатите дела на Кателан. Францускиот скулптор смета дека неговите авторски права биле повредени со тоа што наместо како креатор на делата, бил наведуван како подизведувач. Затоа во тужбата бара признавање на негово целосно авторство од страна на Кателан и галеријата Перотан (Perrotin) која го застапува италијанскиот уметник. Покрај ваквото ‘морално’ задоволување, Друе очекува и материјална компензација во вредност од речиси 5 милиони евра, пишува француски Монд (Le Monde).

Во галеријата Перотан тврдењата на Даниел Друе ги сметаат за неосновани, и истовремено за опасност да се оспорат основните принципи за создавање уметност (особено) во 21-виот век.

Оттаму не одрекуваат дека многу од калапите и прототипите за делата на Кателан се изработени од Друе, но потенцираат оти тука уметноста е во идеите и концпептите на Италијанецот.

„Прашањето на авторството во концептуалната уметност е сржта на спорот меѓу Даниел Друе и Маурицио Кателан. Нема сомнеж дека личноста на Маурицио Кателан се манифестира во сите негови дела преку креативните избори што ги прави, преку поставките, и на крајот преку значењето што делата го добиваат во очите на публиката“, велат од галеријата.

Сепак, правниот советник на Перотан стравува дека „100-годишната судска пракса за одредување авторство на уметничко дело ќе биде несоодветна за концептуалната уметност“.

Даниел Друе

Ако судот ја уважи тужбата на Даниел Друе тоа би значело дека, на пример, и производителот на платната, кои данскиот уметник Јенс Ханинг (Jens Haaning) ги изложи лани празни (но, со издржан концепт) во музеј во Олборг (Данска), може да бара авторство. Или, во смисла на екстремна консеквенца, Кателан има среќа што поставил банана како носител на неговиот концепт „Комичар“, зашто природата не може да го тужи … освен ако на тоа не се одлучи сопственикот на плантажата за банани од која биле набрани трите овошки кои уметникот ги продаде за по 120.000, односно 150.000 долари ☺

Инаку и двете страни во спорот (Друе – Кателан) признаваат дека условите за соработката не им биле добро дефинирани. Што се однесува до парите, Кателан нема никакви финансиски долгови кон Друе, кому целосно му било исплатено договореното за секоја неговата работа. Но, францускиот скулптор очигледно очекува(л) нешто повеќе (особено по успехот на Кателан последниве години).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here