Пишува Александра Ристески

Во 2004-та година францускиот режисер добитник на Оскар, Жан-Ксавие де Лестрад, ги објави првите 8 епизоди од документарната мини-серија „Скалиште“ (The Staircase), врз чија основа, а поради големиот интерес на јавноста, е направена истоимената ‘играна’ мини-серија на креаторот Антонио Кампос, која имаше премиера минатиот месец на HBO Max.

Темата е судењето од висок профил против американскиот романсиер Мајкл Питерсон, осомничен дека во 2001-ва ја убил својата сопруга Кејтлин.

Мајкл Питерсон (го игра Колин Фирт) е средовечен човек кој живее со својата втора сопруга, Кејтлин Питерсон (Тони Колет), двата сина од првиот брак, две посвоени ќерки од почината комшика и ќерката на Кејтлин од нејзиниот прв брак.

Нивниот, навидум идиличен живот, завршува со смртта на г-ѓа Питерсон, пронајдена на дното на скалите во семејниот дом; кога, пак, почнува долго, мачно и исклучително скапо судење на единствениот осомничен, Мајкл Питерсон.

И играната и документарната серија (вторава може да се погледне на Netflix) наизменично го ставаат гледачот во позиции на обвинител и адвокат: во еден момент му се чини нема дилема дека се работи за убиство, за веќе во друг (момент) силно да сочувствува и да му верува на Мајкл.

Мајкл Питерсон во документарецот на Де Ластрад

Вистината постојано како да лебди во воздухот, но никако да се најде цврст доказ за истата да излезе на виделина.

Останува моралната дилема дали само поради коинцинденција на два речиси идентични смртни случаи, некого можеме да го обвиниме дека е убиец, уште повеќе сериски? И дали вадењето на валканиот ‘веш’ и ставањето на истиот на огромен ‘постер’ пред очите на јавноста; односно дискредитирањето на обвинетиот како личност, е доволно за истиот да биде осуден (и) како убиец?

Идеите дека штом семејството е со него мора да му се верува на Мајкл; како и дека обратното е знак на „ерозија на емпатијата“, се погрешни. Заклучувањето дека штом Мајкл Питерсон е пресметлив лажго, согласно тоа е и убиец, е исто така крајно неправедно.

Останува да видиме дали крајот на серијата ќе нѐ доближи до вистината или ќе нѐ остави со моралната дилема: колку како човечки суштества сме склони кон генерализирање, предрасуди и осудување без чувство на основна емпатија …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here