Пишува Александра Ристески

Фотографија: Мирослав Митиќ

Рефлексија на реалноста преточена во танц ни долови балетското студио „Еурека“ на 7-ми јуни годинава во Националната опера и балет.

Брзината на живеењето, „модерното родителство“ во постојаната трка со обврските, во која мора да бидеш сѐ и да имаш сѐ, освен доволно време поминато со своите деца, како и лесната достапност на дигиталниот – виртуелниот свет – интернетот, ја формираа од младината генерацијата Зет и неминовната отуѓеност од другите ‘надвор’ во реалноста; отуѓеноста од природата, од себе, како и нетолерантноста, неприфаќањето на различните; што неретко води до затвореност, чувство на несфатеност, незадоволства, фрустрации, па и ментални проблеми. Ментално- емотивното здравје е здравје на кое недоволно се обрнува внимание и во образованието и во медиумите и во јавната свест.

Прашањето, актуализирано и од српската претставничка на овогодинешната Евровизија, Констракта – „И, што сега?“, кое во случајов е: какво наследство ѝ оставаме на генерацијата на која ѝ припаѓа иднината, се провлекува низ целата инклузивна танцова претстава.

Враќањето кон природата, зголемената свесност за важноста на социјализацијата, изразувањето на емоциите, меѓусебната толеранција, остварувањето емпатија, инклузивното прифаќање, сваќањето дека различното е нормалното, и дека светот е убав, шарен и богат, токму поради нив – различностите (културни, национални, физички појавности и капацитети … ), е основа за создавање на среќни генерации и поубав свет.

Балетското студио „Еурека“ преку танцот на 220 членови на студиото со и без попречености ни спакува многу пластична слика на реалноста, на фонот на музиката на Кирил Џајковски. Пренесе моќна, впечатлива порака, не оставајќи никого рамнодушен, предизвикувајќи силни емоции кај публиката, која постојано враќаше со аплаузи и овации.

Автор на претставата е Катерина Јолакоска, а кореографијата ја осмислиле Јана Андрејевиќ Лазарова, Андријана Атанасова, Теодора Јолакоска, Ана Јолакоска, Стефани Кралевска, Елена Чекова и Тамара Богатиновска. Во стручниот тим на „Рефлексија“ се дефектологот Јелица Салтирова и педагогот Даниела С. Кочијева.

Следи галерија …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here