Пишува Александра Ристески

Доколку во долгите топли денови сакате да уживате во освежувачка – лесна, но медитативна серија, и притоа да се запознаете со нова култура, начин на живот и рецепти од други национални кујни, ви предлагаме две јапонски серии што може да ги погледнете на Netflix: „Полноќна вечера“ (Midnight Diner) и „Самурајот гурман“ (Samurai Gourmet).

„Полноќна вечера“ …

Во „Полноќна вечера“, серија базирана на истоимена манга, дејствието се одвива во мал ресторан со само 12 столчиња, сместен во Шинџику, комерцијалниот и административен центар на Токио. Ресторанот е отворен од полноќ до 7 часот наутро и им нуди оброк на оние кои работат до доцна во ноќта. Единствен постојан лик е домаќинот на ресторанот – мистериозен готвач со лузни кој истовремено е шеф и шанкер, познат само како „Мајсторот“, а го глуми повеќепати наградуваниот актер Каору Кобајаши. Ретко зборува, и се чини дека неговата улога е статична, но тој многу суптилно, со својата богата животна мудрост, успешно ја канализира енергијата на своите клиенти, кои патем се од најразлични профили, ислушувајќи ги внимателно нивните животни приказни и дискретно посочувајќи им го решението на нивниот, навидум нерешлив проблем. На крајот од секоја епизода го кажуваат рецептот за главното јадење во истата, па гледачите имаат можност да научат и да подготват нешто од јапонската кујна.

… и „Самурајот гурман“

И „Самурајот гурман“ е серија направена според истоимена манга, во 12 епизоди, чие дејствие се врти околу штотуку пензионираниот Такеши Касуми (го игра Наото Такенака). Тој со новостекнатата слобода почнува да открива нови сладости на животот, формално изразени преку уживање во храната и пијалокот, притоа замислувајќи се како самурај. Серијата е тивка лекција на патот на себеспознавањето, кога човек решава да ги преиспита старите грижи и стравувања и да ги прифати искушенијата на животот одлучно како самурај, но со разумна доза на оптимизам и ведрина.

Убавината на малите нешта, присутноста во моментот, љубовта кон природата и другите живи суштества и почитта кон сѐ она што е во нас (независно дали носи болни лекции или убави животни искуства) и околу нас; како опозити на суетата, која денес владее со современиот свет, се оние нешта кои прават да уживате во животот во целата негова полнота.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here