Пишува Александра Ристески

Питок, ненаметлив, а истовремено возбудлив, Мураками создава свет во кој читателот со задоволство посакува да се пресели.

Паралелно се одвиваат две приказни, реална и фантастична – онаа на побегнатото од дома момче Кафка Тамура, соочено со сите предизвици на опстанокот во реалниот свет; и онаа во надреалниот свет на старецот Наката, кој способноста да зборува со мачки ја добил за сметка на толку ниското ниво на неговата интелигенција, што потсвеста и свеста му претставуваат табула раса. Двете приказни се испреплетуваат во процесот на самооткривање: едната се одвива на јаве, а другата како во сон; во едната главниот лик бега од нешто, во другата бега кон нешто, едниот гледа кон иднината, другиот кон минатото, едниот барајќи, другиот ослободувајќи се…

Точните пораки на делото Мураками не ги открива докрај во книгата, ниту во своите интервјуа; како да му се поважни емоциите, доживувањето, определени од личната перцепција на читателот, отколку пренесувањето на некои свои ставови, филозофски мисли или концепти.

Неговиот стил е многу едноставен за читање, но истовремено елегантно сложен, обоен од огромното влијание на западната поп култура и стил на живеење. За Мураками не постојат правила, граници, може да ве одведе до најголемите лудости и да направи да функционираат. Но, истовремено ги допира најегзистенцијалните човекови прашања, за појмувањето на времето (и што претставува сегашноста без минатото и иднината), ослободувањето на потсвеста (и колку совеста на човекот е природно вродена во неговото битие, а колку истата е определена од научените правила и норми), потрагата по љубовта (и колку барањето на истата е детерминирана од нереализираното либидо, неретко од едиповиот комплекс, од помирувањето со сопствениот идентитет и сл.), носењето со преживеаните трауми (предизвикани од војни, губење на љубовта, или губење дури и на сопствената интелегенција) и море од други прашања и потпрашања.

Задлабочувајќи се во делото, удобно сместен под, на пример, дебела борова сенка крај морски брег, читателот чувствува бура од емоции, што ќе го понесат горе и ќе го треснат на дното, ќе го исполнат, па ќе го истоштат; како големи бранови да го влечат во морето, на кои во почетокот им се спротивставува, а потоа им се препушта, редефинирајќи му го притоа уживањето во читањето, поттикнувајќи преобразба на личноста, која само случајно во моментот на читање се наоѓа во грчкото гратче наречено Метаморфози.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here