Пишува Александра Ристески

“Како да го кажам ова на начин што нема да навреди или вознемири

се шират гласини дека не си услужена

велат дека не си не знам што

Бејби којзнае колку долго

ми е тешко да кажам што е правилно

кога сè што сакам да направам е погрешно”

Сестраниот уметник со крупни ‘бамби’ очи (како што го нарекува Џими Фелон) и неодолива насмевка, кој остави неизбришлива трага во светската музика најдолго творејќи под името Принс, подоцна под псевдонимот Уметникот претходно познат како Принс (Artist Formerly Known as Prince) и Уметникот (The Artist), е роден во 1958 година во Минесота, Минеаполис, како Принс Роџерс Нелсон, а нѐ напушти во фаталната 2016 година кога светот остана посиромашен и за Дејвид Боуви, Леонард Коен, Џорџ Мајкл, Кери Фишер и многу други.

Принс, не беше само еден од најголемите музички (и поширко) таленти на минатиот век, туку и еден од најголемите иноватори во музичкиот бизнис: издаваше преку своја независна издавачка куќа, пакуваше ексклузивни ЛП со билети за концерти и весници, беше еден од првите уметници што продадоа албум онлајн, освојувајќи ја наградата за животно дело Webby за „визионерска употреба на Интернетот за дистрибуција на музика“; не плашејќи се притоа да ја покаже и својата ‘бунтовна’ страна, а во контекстот е позната и промената на неговото име во „љубовен симбол“, тетовирањето на зборот „роб“ (Slave) на образот, како и забраната за емитување негова музика на YouTube сѐ до неговата смрт.

Бев во основно училиште, пониските класови, кога за прв пат преку ТВ-екран сведочев на, за мене, еден од најголемите моменти во музичката историја: Принс ја свири својата химна „Пурпурен дожд“ на виолетова сцена, со неонски светла во истата боја, додека врне; балада толку моќна и иконична, што ми прозвучи како една од најубавите симфонии кои кога и да е сум ги чула. Барајќи по скудниот избор музички списанија во тоа време дојдов до објаснувањето на Принс за пурпурниот дожд: Кога се измешани црвената боја на крвта и сината боја на небото даваат совршена виолетова. На крајот на светот, Бог (твојата вера), те води низ виолетовиот дожд.

Истовремено со својата високо сензитивна природа, која се воочува во повеќето песни меѓу кои и во мојата омилена „Кога гулабите плачат“, Принс без задршка ѝ се даваше на публиката и со својата забавна и смешна страна, но изразни средства наоѓаше и во кокетното и провокативното во текстовите, танцот, имиџот и сценографијата, како во, на пример, „Бакнеж“, „Одбиј“, „Крем“, направени со толку истенчен вкус за естетика, што ниту во еден момент не оставаат простор да се доживеат вулгарно, туку напротив, уметнички совршено убаво.

Што е она што го сакавме и сѐ уште го сакаме кај Принс? Виртуозноста на гитарата, фактот дека одлично свиреше на повеќе инструменти, распонот на неговиите гласовни можности, полниот звук со моќна продукција, револуционерната музика богата со најразлични жанрови, текстовите со длабоки пораки и остроумно смислени метафори, енергијата, харизмата, слободата во личниот стил на облекување, спотовите со прекрасни танчерки и сценографија; или магијата беше токму во големите бамби очи и неодоливата насмевка споменати во почетокот на текстот? Можеби одговорот на прашањето не е ниту најмалку важен. Важно е дека уживаме во неговото дело подеднакво како и пред речиси 40 години.

Како Џими Фелон му оддава почит на Принс?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here