Претставата „Кабли“ во која игра македонскиот актер Ивица Димитријевиќ предизвика голем интерес во Австрија откако на 12-ти и 13-ти месецов беше одиграна на тукушто завршениот Театарски фестивал „Тука и далеку“ (Theaterfestival HIN & WEG; 12-21 август) во Литсшау.
Дотолку што се појави и на насловната страница на најтиражниот австриски неделник за култура, Falter.

Овде, кај нас, името „Кабли“ прецизно асоцира на една од целите на претставата: (до)освестување за ефектите од корупцијата врз општеството; и врз нас поединците како „крајни корисници“.
Кога овде ќе кажеме за некого дека „има кабли“ обично му завидуваме што (на пример) е „претплатен“ на добивање државни тендери. А можеби (и) тој (покрај сите граѓани – жртви на синџирот од корупциски реакции) е за жалење, зашто мисли дека направил ‘не-знам-што’ кога поради ‘врските’ сe искачил до врвот од „синџирот на исхраната“ во нашава ‘паланка’; колку и некому да звучи наивно или патетично, на крај, најхендикепирани остануваат оние на кои не им функционираат врските најпрво со реалните себе, па со останатите блиски и ‘далечни’ луѓе.

Во претставата „Кабли“ Ивица Димитријевиќ е музичката ѕвезда James Cables, чиј спектакуларен концерт (долго очекуван; по 2-годишна пауза) ненадејно го прекинуваат ’технички’ проблеми со каблите, адаптерите, врските. На помош му доаѓа техничарка (ја игра Нина Ортнер), но и таа, откако ќе се качи на сцената, сфаќа дека проблемот не е ‘само’ од техничка природа. Па, и James Cables и техничарката ‘засукуваат ракави’ обидувајќи се да се справат со каблите и врските, секој на свој начин.

Метафората е јасна (во горниот контекст) и во „Кабли“ е истражена вдолж и попреку: како се создаваат здрави врски, како се поправаат расипаните, кога мора да се прекинат и заменат со нови … Во контекст на корупцијата: способноста на луѓето да создаваат и да нарушуваат правила, дури и во земја како Австрија, со пословично дисциплинираните во однос на законот Австријци…

Во освртите за претставата на австриските критичари доминираат аудио-визуелната атрактивност на „Кабли“ и ефектниот спој на концерт, театар и модерен пристап во анализата на суштествениот проблем.

Концептот и режијата се на Франц фон Штролхен (Franz von Strolchen), текстот на Кристијан Винклер (Christian Winkler), музиката на Ивица Димитријевиќ, а музички соработник е уште еден нашинец, Јане Трајковски.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here