Пишува Александра Ристески

„Ако преживее културата, ќе преживее и народот“ (Јан Младек)

Во не така далечната 2018 година, планиравме семејна посета на Белград. Нашето највозрасно дете, тогаш 19-годишна тинејџерка, разбирливо за возраста, не сакаше да нѐ дружи – имаше други преокупации. Со надеж да ја убедиме, со сопругот, почнавме да пребаруваме дали можеби има некоја актуелна изложба во главниот град во соседството (тинејџерката беше ентузијастична ученичка во средно уметничко училиште). Излезе дека во моментот се одржувал Октомврискиот салон – меѓународната манифестација од областа на визуелните уметности, чие педесет и седмо издание под наслов „Чудото на какофонијата“, донесе дела на А. Кифер, Т. Мураками, Ј. Оно, С. Шерман…

Мислејќи дека е чудо и нѐ послужила среќата да присуствуваме на културен настан од таков вид на Балканот, веќе следниот ден нѐ очекуваше уште едно изненадување: Музејот Zapter, кој содржи дела на сликари и вајари – членови на различни колективи, како прочуената Медиала (Дадо Ѓуриќ, Љуба Поповиќ, Владимир Величковиќ…). Бројот на застапени уметници во музејот е над 165, а на дела над 400.

Меѓутоа, низ годиниве Белград нѐ разубеди во спротивното, дека не станувало збор за исклучок и чудо невидено, туку дека бројни културни настани секојдневно се одржуваат на брегот на Сава, дотолку што француски Le Figaro деновиве се осмели да го нарече „новиот Берлин“ во кој урбаната белградска сцена предводи една вистинска културна револуција.

Што е она што го знаат повеќето земји и градски центри уште од времето пред Александар Македонски и Александриската библиотека, па до денес? Колку културата, уметноста и креативноста се важни за одржливиот урбан и севкупен развој, регенерација и раст? И спротивното, колку отсуството на истата од медиумите влијае дегенерирачки врз општеството во целост?

Во филмот „Официјална конкуренција“ (Official Competition, 2021), бизнисмен милијардер во поодминати години, во потрага по општествена почит, по првичната идеја да изгради грандиозен мост, решава да сними уникатен, револуционерен филм по сценарио на книга што никогаш не ја прочитал?! Звучи бизарно, соодветно за жанрот сатира, но самото спознание дека за да останеш во позитивното помнење на јавната свест треба да придонесеш или со некоја општествена корист или да помогнеш создавање на некое важно уметничко дело, е секако за поздрав.

Медиуми кои се водат само од профитот и скапо му наплаќаат на општеството евтини содржини, мал број културни ентузијасти кои кубурат на алтернативната сцена, непостоењето на читачка култура и немањето интерес да се прочита во печатот или на веб-порталите ‘потешка’, но поздрава храна од жолтиот печат, се сигурен рецепт за формирање на недостоинствен, автодеструктивен ментален склоп.

Сламка за спас во руинираната реалност е конечното спознание дека без култура нема и не можеме да опстоиме…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here