„Хајка“ првпат ги видовме и слушнавме во живо деновиве, на книжевна промоција. Ни прозвучеа како контролирана експлозија: велиме контролирана мислејќи на нивната конкретност, изненадувачка самосвесност (имајќи ја предвид возраста на членовите на бендот). По настанот им побаравме интервју, а со одговорите на нашите прашања „Хајка“ испорачаа целосно покритие за одличниот впечаток што ни го оставија…


Настапувате експлозивно, а се викате „Хајка“. Од вашите битнички искрени стихови се насетува против што ја водите хајката, но нѐ интересира какви промени сакате да видите?

Името Хајка, може да се интерпретира на многу различни начини исто како и текстовите, кои се главно инспирирани од лични искуства и случки. Кога го смисливме тоа име не ни беше намерата да кажеме дека има хајка против некого или дека ние водиме хајка против некого, едноставно името ни звучеше и изгледаше кул. Но, секако сите си имаат потера по нешто, сите бркаме нешто или некого, бунтовноста е многу повеќе општа и насочена кон сите страни и нема баш конкретна цел, тоа е едноставно емоција на незадоволство и нервоза. Во нашето општество конкретно би сакале да видиме младите како повеќе се борат за своето и за тоа што го сакаат.

Сте го слушнале ли албумот „Пакет аранжман“ (1981)? Ако да, споделете впечатоци.

Ха-ха, секако, тоа е еден од најдобрите албуми што ги имаме чуено и мислиме дека скоро сите други бендови од нашата генерација знаат за истиот. Кога го слушаме тој албум сфаќаме колку е навистина посебно југословенското музичко творештво. Најголем впечаток од тој албум ни остави едноставноста, ние отсекогаш не сме сакале кога музичарите пробуваат што попретенциозна и натрупана да ја направат својата музика и кога го чувме овој албум сфативме дека сепак и во нашата околина ја сфаќаме убавината на едноставното и би можело да се рече дека тој албум е навистина напреден дури и за западните бендови од тоа време. Вистинска штета е што популарната музика на овие простори не продолжи да твори во тој правец туку се сврте кон тоа што дојде отпосле за кое сите имаме чуено и што за жал се прошири насекаде, односно како што викаат „Идоли“: „Пластика, пластика, пластика, пластика!“.

Неодамна свиревте на промоцијата на книгата „Двојна експозиција“ на Игор Анѓелков. Што читате, гледате, слушате… воопшто, во каква уметност ужива „Хајка“?

Да речеме, од сѐ по нешто. Читаме: Вилијам Бароуз, Бекет, Хаксли, Силвија Плат, Х.Г. Велс, Георг Бихнер, Џемс Џојс, Фокнер, Џек Керуак, Ален Гинзберг, Данило Киш, Кочо Рацин, Горан Стефановски, Кормек Мекарти, Артур Рембо, Бодлер, Рене Франсоа де Шатобријан, Шекспир (особено сонетите), Дејвид Фостер Волас, Рејмон Карвер, Гогољ, Есенин, Мајаковски, Велимир Хлебников и други.
Гледаме филмови од Вернер Херцог, Тарковски, Буњуел, Кјубрик, Клинт Иствуд, „24 Hour Party People“ филмот, Џим Џармуш, Jonas Mekas, Бергман, француски нов бран, ЈУ црн бран, италијански нео-реализам, романски нов бран итн., итн.

Слушаме: Идоли, Fang, Warsaw, Butthole Surfers, The Stooges, The Velvet Underground, Kraftwerk, Black Sabbath, Beatles, Los Saicos, Chet Baker, Creedence Clearwater Revival, Ramones, Johnny Thunders, Clash, Thin Lizzy, Sektor Gaza, A Certain Ratio, Wire, Joy Division, Sex Pistols, The Mentally Ill, Crass, Zoundz, Madness, The Chats, Viagra Boys, The Black Angels, Trans Am, Mudhoney, The Fall, The Cramps, Океан Пацифик, 21 Vek, Фонија, FxPxOx, Чоканче, Т.Б. Трачери, Disciplina Kitschme, Happy Flowers, Drunks With Guns, Anal Cunt, Public Image Limited, Talking Heads, Primal Scream, Happy Mondays, The Stone Roses, Sleaford Mods, Pixies, The Cars, The Stranglers, Morphine, Ministry, The Doors, Black Flag, The Jesus and Mary Chain, Sonic Youth, Jerry Lee Lewis, The B-52s, Tom Waits, Бис-Без, New Order, Thee Oh Sees, Fontaines D.C. , The 5.6.7.8’s, Melvins, The Sound, Depeche Mode, AC/DC, Guns N’ Roses, Oingo Boingo, Adolescents, The Germs, T.S.O.L., Dead Boys, Fear, Dead Kennedys, Devo и други. Накратко слушаме се што ни е интересно 🙂

Што би ни препорачале, во смисла на инсајдерски увид, да слушнеме од новата домашна музичка сцена?

Па, пред неколку дена нашите другари од Битола, Corrosion, извадија нов албум (Pinhead) и препорачуваме тој да го чуете; други коишто би ги спомнале се Дивоградба, ATA, Cut Your Nipple, Луфтанза, Алембик, Мамут, Занаду, Димиш, Basement Cult кои исто така извадија нова песна пред кратко време, Vagina Corporation, Преку Ред и други на кои не ни текнува во моментот. Не сме многу на број, но сепак нѐ има и тоа е најбитно.

Хајка – Мека Машина

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here