„АТВ ‘Рупикапра’ е приказна за себе – од идејата за името, преку одредувањето на патеките по кои возиме, до храната што нашите клиенти ја вкусуваат по секоја тура, а е белег на Галичник и воопшто на Мавровскиот регион“, гласи воведот во интервјуто што следи, со Љупчо Ѓорѓиоски, Огнен Миновски и Филип Луканоски, од тимот на „Рупикапра“


Галичник, Мијачијата воопшто, неспорно се мерка за убавина на природата. Секое годишно време таму наоѓа величествен израз, но кој период од годината би го препорачале како идеален за тура со АТВ „Рупикапра“?

Галичник има посебен дух. Тоа не го велиме само од наше име и од името на оние чиишто корени се оттука, туку и од името на досегашните посетители и на сите коишто знаат вистински да ѝ се препуштат на планината.
А оттргнувањето од градот и прибегнувањето кон природата во ова брзо темпо на живеење сè повеќе претставува потреба, а не луксуз. Токму затоа ние, тимот на АТВ „Рупикапра“, се одлучивме да го понудиме најдобриот дел на природата, во нашиот случај, недопрените предели на Бистра.
Инаку, секој период од годината му дава на Галичник посебна убавина. Возењето со АТВ (од англиското „all-terrain vehicle“ = возило за сите терени) е најсоодветно од мај до крајот на октомври. Во останатите месеци на Бистра планинската клима е посебно изразена.

Како се одвива вообичаена тура? Во смисла на време и место на тргнување, колку трае, кога завршува? Имате ли одредено застанувања на особено впечатливи места или тоа е оставено на желбите на посетителите?  

Поаѓањето започнува од Галичник и во зависност од барањата на посетителите се одредува рутата на возење и нејзиното времетраење. Имаме одредени застанувања на неколку впечатливи места, но секогаш оставаме простор за исполнување на желбите на посетителите.

Кој ја подготвува храната, типична за регионот, со која се заокружува доживувањето на Мијачијата на турите на АТВ „Рупикапра“?   

Кога станува збор за Македонија туристите се едногласни: нашата кујна е извонредна. Вкусот на галичкото сирење е посебен кога се вкусува на тлото на коешто е направено, на планински воздух и под галичко небо.
Галичкото сирење и киселото млеко коишто ги нудиме во турата се направени од врвните галички мајстори на нивните познати галички бачила коишто ги посетуваме во текот на турата.

Името го позајмувате од дивокозите, рупикапра, со кои, како што велите, најчесто се среќавате на вашите тури. Можете ли да споделите некое посебно искуство на посетители од средбите со дивината на Реканскиот крај?  

При одредување на патеките имавме една водечка мисла: турата треба да ги прикаже не само најубавите делови на Галичник и околината, туку и деловите за коишто не сме свесни дека навистина постојат и дека навистина нашата земја ги има. Нема простор за колебање – трите патеки (Венец, Говедарник и Чавкарник) го нудат најдоброто од Бистра.    
Со дивите кози се сретнуваме најмногу при возење на турата Говедарник, поради карпестиот дел.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here